Ник Плат е адвокат кој работи во Москва во раните години на 21 век, град на хедонизмот и очајот, магични зафрлени места и развратни ноќни клубови, место на љубезноста и поткупот. Ник не поставува многу прашања околу матните договори на кои работи: презафатен е со уживањето во егзотичниот ноќен живот полн со гревови.

Во еден запурничав септемвриски ден Ник ги спасува двете вити сестри, Маша и Катја, од божемен крадец и набрзо потоа тие тројцата крстосуваат низ валканите гламурозни места на Москва. Додека зимата го оковува декадентниот град, Ник се вљубува во заводливата Маша, но набрзо открива дека се рони самиот себеси – во средиштето на приказната за измамата и предавството, во местото каде што мрачни тајни и одамна скриени трупови излегуваат на виделина кога длабокиот снег конечно се топи...

Брзо ја читате оваа книга затоа што едноставно не можете да ја оставите. Приказната ја раскажува Никола Плат, адвокат од Англија, кој претпоставено & ја раскажува на својата свршеница. Тој, како автор, работел во Москва неколку години, па така добивате навистина богат опис на градот, на рестораните, хотелите, казината, ноќните клубови, фасадите на старите згради, подземната и парковите. Во една атмосфера на криминал и поткуп, се прашував, додека читав, зошто Ник бил толку лековерен во прифаќањето на луѓето, затоа што сметам дека кога работите во туѓа земја треба да сте два пати повнимателни. Луѓето си мислат дека знаат како да постапуваат. Она што почнува како обична приказна, сепак содржи стравотно навестување и ве принудува да читате понатаму.. Карактерите се силни, прекрасни, интересни. Добив огромна желба да ја посетам Москва. Одличен роман.

Стојковска Љубица, Клуб Матица

Силно дело. Прецизно пишување, ниеден збор не е вишок, а сепка читателот може да си ја претстави пред очите. Некои читатели може да си помислат 'ова е неверојатно, ниеден адвокат не може да биде толку лесноумен.' Ама пак други ќе речат, 'па добро, можеби и може, затоа што љубовта е во прашање.'Двојната порака во книгата е многу интересна: го имаме младиот надежен адвокат, кој активно помага во огромна измама… и станува жртва на една друга измама, така што на крајот на книгата сфаќаме дека приказната е за него, лично. И заклучуваме дека тој се претворил во кокиче.

Цветковска Лилјана

 

 

Кога го читате романот Московска сага, сфаќате дека неоспорно станува збор за студија на карактери. Затоа можеби е оправдано да се каже дека е по малку и психолошки трилер. Плат, главниот лик, е заведен и опиен од неговото искуство во Москва. Пасивен протагонист кого можеби можете да го споредите и со Талентираниот господин Рипли, кој останува нечесен кон самиот себеси. Додека се ужива во карактерите од романот на А.Д. Милер, станува јасно дека, покрај Олег Николаевич, интелектуалец од времето пред комунизмот чии мудрости навистина стаписуваат ('Во земјата на надежта нема зима'), судирот на моралот меѓу оние кои се аутсајдери, дезинтегрирани и дојдени во блескавиот град од периферијата на огромната земја, и оние чии сфаќања потекнуваат од еден друг свет, свет на поинакви значења и вредности, создава една прекрасно контролирана атмосфера на целата приказна. Оние кои ја прочитале Москва не им верува на солзите, во Московска сага ќе најдат нов, силен и уште поинтересен предизвик.

Учета Билјана, Клуб Матица

Бев обземен од првата до последната страница. Карактерите се уверливи, заплетот одлично изработен, а начинот на пишување е лирски. Сцените од Москва се автентични, ги доживував како да сум таму.

Поповски Јонче

Ова е ненадминат роман. Секси, опасен и целосно ве опива, но истовремено е нежен, вистински и човечки. Милер е вешт, елегантен прозаист, така што неговиот роман, ред по ред, параграф по параграф, е навистина интересен за читање. Заканувачката атмосфера што владее во приказната, расположението во кое се наоѓате додека ја читате едноставно не ви дозволуваат да ја оставите. Многу често е полна со мудрости и со вистински хумор, афоризми и напати остри забелешки. Ова е книга за слабоста и за последиците од недејствувањето кои навистина го заведуваат читателот исто како што е заведен и раскажувачот, а тоа ве остава да размислите и за сопствените морални сфаќања.

Петровска Анета, Клуб Матица

Целата книга ми се допадна. Полна прекрасни описи, оригинална и фасцинирачка. Без лажни клишеа во збунувачките меѓусебни врски на ликовите, приказната се ткае меѓу корупцијата и моралот на еден адвокат од западот за време на една московска зима. Голем број читатели можеби ќе ја сметаат за егзотична. Во секој случај, романот ја дефинира лизгавата надолнина на моралот, оној миг кога се заветуваш на нешто, а потоа не можеш да се свртиш и да погледнеш наназад поради различни причини. Несовршена и многу човечка приказна за вистината и љубовта

Стојаноска Билјана, Клуб Матица